За најуспешни претприемачи на микропретпријатија се прогласени Бејтула Биљали од „Свис центар” од Боговиње и Игор Петковиќ од „Меридијан – НБ” од Скопје, а во категоријата мали претпријатија Адем Кочан сопственик на претпријатие за производство на раноградинарски култури „Агро канет” од Скопје и Филип Спасовски од „Полијестердеј” од Скопје.
Специјална плакета за брзорастечка фирма доби велешката „Хемија комерц”.
На манифестацијата „Претприемач на годината”, за најуспешни микропретпријатија се прогласени „Свис центар” од Боговиње и „Меридијан – НБ” од Скопје, во категоријата мали претпријатија, „Агро канет” од Скопје и „Полијестердеј” од Скопје, а специјална плакета за брзорастечка фирма доби велешката „Хемија комерц”.
Критериумите врз основа на кои беа избрани 218 микро и мали претпријатија се раст во периодот 2006-2008 г. по следните основи: број на вработени, вкупен приход, добивка и реализирани инвестиции. Овие претпријатија во наведениот период вработиле нови 1.671 вработени, го зголемиле приходот за 7,92 милијарди МКД, ја зголемиле добивката над пет пати и за повеќе од два пати ги зголемиле инвестициите.
Првонаградената фирма „Свис центар” од Боговиње се занимава со производство и монтажа на прозорци и врати. Нејзиниот сопственик, Бејтула Биљали, е избран за најуспешен претприемач во областа на микропретпријатијата.
„Агро канет” од Скопје, најуспешна од малите претпријатија, работи на полето на раноградинарското и оранжериското производство. Првата награда му беше доделена на сопственикот Адем Кочан. „Посветеност во текот на 24 часа е единствениот клуч за успехот. Оној што заспива и се буди со одредена цел има големи шанси да успее”, рече Кочан и додаде дека е добредојдена секоја владина помош во вид кредити или субвенции за бизнисот. „Фирмата постои веќе 19 години како дел од брендот „Канет”, а моментно има 350 вработени. Речиси 90 отсто од производството е наменето за извоз”, додаде Кочан.
Втората награда му припадна на печатницата „Полијестердеј” од Скопје, која веќе десет години успешно се занимава со печатарскиот бизнис. Фирмата располага со три печатарски објекти, а во блиска иднина планира отворање печатница и во соседна Србија.
Специјална плакета за брзорастечка фирма доби велешката „Хемија комерц”, која се занимава со производство на порцелан и ќерамички плочки. Сопственикот, инаку поранешен стечаец од „Порцеланка”, ги охрабри младите да започнуваат свој бизнис и дека со напорна работа и посветеност, успехот е неизбежен.