Милка Блажева заедно со својот сопруг Блаже започнале со производство на селски леб на традиционален начин уште во далечната 1992 година. Идејата за започнување со овој бизнис произлегува од нејзиниот сопруг кој го „испекол“ пекарскиот занает уште од неговите средношколски денови. Дополнително во 2005 година отвориле и маалска пиљара каде што ги продаваат и дел од своите производи.
Лебот што го произведуваат е на традиционален начин и е без адитиви и конзерванси. Користат домашен квасец и квалитетни брашна кои придонесуваат за нивната конкурентска предност. Печењето на лебот е во традиционална селска фурна која е составена од полукружен свод и земјени цигли. „На почетокот од работењето целиот процес на производство бил рачен“, вели Милка и додава „горди сме што ја зачувавме традицијата“. Единствената разлика е во мешањето на тестото кое се врши во миксер за тесто за кој и беше наменет најголемиот дел од кредитот земен од Хоризонти, од кредитната линија на МРФП.
Дневно произведуваат од 250 до 300 лебови во зависност од побарувачка и околу 100 лепчиња за сендвичи. Лебовите ги продаваат директно од пекарата, а дел во својата пиљара и ги разнесуваат по други пиљари и сендвичари. Од 2013 година го имаат имплементирано и ХАСАП системот со кој гарантираат за квалитетот на своите производи.
Комбинацијата од користење на квалитетни брашна, домашен квасец, традиционална печка и долгогодишното искуство во пекарството се нивната формула за успех. Освен овие елементи за успех во семејниот бизнис потребно е и голема соработка, почит и професионалност помеѓу вработените, додава Милка Блажева.