Првите чекори кон она што „Скендер-пром” е денес, започнуваат од далечната 1998 г. По останувањето без работа, таткото на Неат Селим се чини дека ја носи најдобрата одлука. Отвора мала продавница од 12м2 за трговија со стакло и стаклени производи лоцирана во градот Ресен, која претставува почеток на приказната за бизнисот на семејството Селим.
Неат и неговата сопруга, искуството стекнато работејќи во продавницата на татко му, во 2007 г. го пренесуваат во Охрид каде отвораат своја работилница за стакло.
„Тежок е патот кон успехот” – вели Неат. Нелојалната конкуренција, обемната администрација и јавни давачки ги нагласува како најголеми проблеми. Меѓутоа, големата посветеност, чесност и упорност да се води бизнис во динамична бизнис клима со секојдневни предизвици е тоа што го турка овој бизнис напред. Денес работат во поголема работилница, во периферијата од градот, со зголемен обем на работа и нова опрема. Во центарот на градот имаат и подружницата каде што се застапени рекламните производи како: рамки, огледала, лајсни и сл. Најбарани производи им се: термопани, брусени огледала, стакло за на маса, прегради, огради, аквариуми итн. и истите ги пласираат на пазарот низ цела Македонија, но и во земјите од регионот: Турција, Бугарија, Косово и Албанија. Учествувале и во поголеми проекти, меѓу кои позначајни се: застаклувањето на една банка во Охрид, на една фабрика во Битола и други поголеми станбени објекти во Скопје.
Досегашните резултати ги подигнуваат и нивните амбиции кои сега се насочени кон купување на земјиште и изградба на хала.
Што се однесува до кредитите, Неим вели дека долги години соработува со НЛБ Банка и често ги користи финансиските средства кои ги овозможува овој посредник. Последниот, заемот од МРФП, пласиран преку НЛБ банка, го искористил за набавка на машина за брусење стакло.