Месото и преработката на месо ја обезбедува егзистенцијата на семејството на Коста Николоски од Скопје, но, и на семејствата на неговите 13 вработени. „Искуството што го стекнав работејќи 14 години во „Јухор“ од Јагодина ми помогна кога ја основав мојата компанија „Карнивор“ ДООЕЛ во 1994 година“, раскажува Николоски. За сега, производите ги пласираат во двете продавници во Скопје, а во бизнисот му помага неговото семејство.
„Најголемиот дел од приходите го обезбедуваме преку директната продажба“, вели Николоски и додава дека во овој бизнис мора да се следат навиките на потрошувачите. „Порано потрошувачката на месо со коска беше повисока, но со тек на време заради јакнењето на свеста на потрошувачите за здрава исхрана, се зголеми побарувачката на месо без маснотии. Ваквите трендови се клучни за нас и бараат до нас прилагодувања“, вели Коста. Во таа насока, тој постојано ги следи најновите технолошки достигнувања кај опремата за преработка на месо и месни производи. Еден од предизвиците со кои се соочуваат е и ниската куповна моќ на потрошувачите.
Заемот од МРФП, преку НЛБ Тутунска банка, во висина од 12.500 евра, Коста Николоски го искористил за набавка на ново возило, фургон, што ќе го користат за разнесување производи.
Коста е оптимист за иднината. Тој веќе ја планира новата инвестиција со која ќе купи опрема за преработка на месото. Осен тоа, еден од предизвиците за блиска иднина ќе биде и новиот изглед на излозите на продавниците. Што се однесува до потрошувачите, тој со задоволство напомнува дека потрошувачите го препознале квалитетот и цената на неговите месни и сувомеснати призводи и дека тоа ќе им овоможи успешно егзистирање и проширување на бизнисот во иднина.