За Валентина Димитрова од Скопје занимавањето со земјоделие било логично продолжение на она што со години успешно го работел нејзиниот татко. Земјоделието е основно занимање и на семејството на нејзиниот сопруг, па така сите елементи во служувалката се поклопиле. На површина од шест хектари, таа и нејзиниот сопруг одгледувале зеленчук, а производите ги пласирале на пазарот на големо, како и на Зелениот пазар во Скопје.
„Барањата на на нашите купувачи, да имаат можност да плаќаат со фактури, не натераа да размислуваме за поинакво организирање на работата“, раскажува Валентина. Така, во 2005 година тие ја регистрираат нивната компанија „Бојди“ ДООЕЛ увоз-извоз. Основањето на компанијата влијаело на зголемување на производството па семејството решило да закупи уште два хектари земјиште. „Целото производство е во Јурумлери, а најмногу одгледуваме морков, цвекло, зелка, црвена зелка, карфиол, брокула, пашканат и целер“, вели Валентина. „Засега“, додава таа, „производите ги пласираме само на домашниот пазар.“ Нејзината компанија, покрај производството, врши и откуп и препродажба, како и увоз на јужно овошје.
Во „Бојди“ работат 15 луѓе, а во зависност од обемот на работа, дополнително се ангажираат и сезонски работници за берба и пакување на производите. Како и сите компании од ова сфера, така и во „Бојди“ се соочуваат со проблемот на варирање на цените на производите, дури и на дневна основа. Покрај тоа, не секогаш можат да се најдат работници спремни за работа во поле.
Со средствата од заемот од МРФП, преку НЛБ Тутунска банка, во износ од 13.100 евра, во „Бојди“ набавиле камион ладилник кој ќе го дополни возниот парк од три трактори, три комбиња и лимузина, неопходни за добро функционирање на бизнисот.
Плановите за компанијата не завршуваат тука. Валентина планира во иднина да го прошири производството со нови култури за што ќе и бидат потребни и нови површини земја. Таа смета дека нови осум хектари би биле доволни, а што се однесува до опремата, би набавила неколку машини и поголеми ладилници. Следејќи ги трендовите во побарувачката, Валентина планира да започне со обуки за органско производство. Таа ги направила потребните анализи, но потребно е да го комплетира процесот пред да се стекне со сертификатите за производство.