Сашко Антовски од Кочани веќе 14 години го гради својот бизнис преку компанијата „Екстра фунги“. Вели дека со откуп и преработка на печурки почнал да се занимава уште како мал. „Татко ми ми беше ментор“, раскажува Антовски, „тој во осумдесеттите години работеше во Алкалоид, а од 1988 почна приватно да се занимава со откуп на печурки.“ Почетокот не бил лесен, за откупот на печурки користеле старо возило, а малата сушара и ладилникот биле направени во нивниот дом. Во тој период најмногу препродавале на просторот на поранешна Југославија.
„Од 2001 година поинтензивно се вклучив во работата, а од 2004 година почнавме со редовен извоз во европските земји“, вели Антовски. Тогаш ги набавиле и новите ладилници и отвориле погон за преработка на печурки. Чекор по чекор, во 2012 година го отвориле и вториот магацин.
Покрај преработката на печурки, денес „Екстра фунги“ се занимава и со преработка на дињи, шипки, боровинки, сливи, капини, јагоди кои како суровина за готов производ се пласираат на европските пазари.
Со заемот од МРФП преку НЛБ Тутунска банка, „Екстра фунги“ набавиле нови рафтови со што го зголемиле капацитетот за складирање во ладилникот, а дел од средствата се употребени за модернизација на системот за ладење и греење. „На овој начин го зголемивме производството и продажбата на печурките и овошјето на странските пазари“, вели Сашко Антовски. Бројот на вработени, по користењето на заемот се зголемил од 19 на 26. Компанијата Екстра Фунги располага со современа опрема за преработка на печурки. Сашко вели дека постојано се инвестира во набавка на нова опрема и во иднина планираат модернизација на погонот за преработка со машини за чистење и обработка на овошјето. Инвестираат и во нов софтвер кој ќе ги оптимизира процесите на работење.
„Екстра фунги“ денес е компанија чиј квалитет е препознаен на европскиот пазар. Секоја година претставници на фирмата учествуваат на меѓународен саем во Берлин со цел остварување на нови контакти и зголемување на продажбата. „Модернизацијата на производството ја правиме чекор по чекор“, вели Сашко и додава дека она што најмногу го мотивира е успешното работење.