Аница Цветковска од селото Долно Чарлија, Битолско, и нејзиниот сопруг веќе 30 години се фармери. Започнале со мал сточен фонд на овци, стар трактор и 10 хектари земја на која одгледувале храна за стоката, а денес имаат 90 крави, 20 хектари земја, и модерна механизација за обработка на земјата и за одгледување на стоката. Нивната фирма Дима агро има двајца вработени и работи успешно.
Во бизнисот најмногу е вклучен синот Диме кој што ги следи достигнувањата во модерното фармерство и е главен двигател за имплементација на современи решенија.
„Кравата ја земавме заради децата“, се потсетува Аница, „ама со текот на времето целосно му се посветивме на краварството. Сточниот фонд и механизацијата ги обновувавме постепено. Нашата цел е целосна модернизација на фармата според последните светски стандарди“, раскажува таа.
Заради тоа, се што заработува семејството Цветковски, целосно го реинвестира во бизнисот. Со заемот од МРФП преку „Хоризонти“ градат и модернизираат нова штала за одгледување на крави, а ќе имплементираат и современ систем за напојување. „Склучивме договор за откуп на млекото со главниот производител од регионот како и за набавка на холандски крави кои даваат млеко од висок квалитет“, вели Аница.
Производството на млеко се движи околу 850 литри дневно што им носи одлична заработувачка. Сепак како што вели Аница секогаш треба да се оди напред, да се имплементираат сите модерни стандарди во одгледувањето крави. Таа е мотивирана од успехот и посветена е на зголемувањето на ефикасноста и ефективноста во производството на висококвалитетно млеко.
Цветковски во иднина планираат целосна модернизација на новата штала. Ќе изградат одводен систем и ќе набават миксер приколка што ја меша и распределува храната на добитокот. Иако имаат изградено нова штала, сточниот фонд постојано го зголемуваат и во иднина планираат изградба на нов објект за чување на кравите.