Темелко Крстевски од Скопје целиот живот му го посветил на автомеханичарството. Неговата страст од детството, станала занимање и бизнис. Крстевски смета дека животната определба е нешто што го носиш со себе.
„Мојот најдраг подарок, што го добив кога имав пет години, беше шрафцигер“, се сеќава тој. „Техниката и струјата ми беа стално во глава и знаев што сакам да бидам: радио и телевизиски механичар или автомеханичар“, се сеќава тој.
Во петто одделение ја направил својата прва столна ламба, а веќе на 12 години бил чирак во автолимарска работилница. Автосообраќајното училиште го завршил како вонреден ученик, работејќи истовремено во компанијата за интернационален транспорт и шпедиција „Вардар“. Подоцна го завршил и Техничкиот факултет во Битола. Во 1988 година Темелко Крстевски регистрирал сопствена компанија „СТТ Трејд“ чија основна дејност била сервисирањето на возила, поправка на таксографи и нивна анализа. Покрај тоа, Крстевски започнал да се занимава со изработка на мерни инструменти за возилата, односно мерачи на температура, брзина, време и бил единствен во Македонија кој ја развивал оваа идеја. За жал, недостатокот на финансии и конкуренцијата од надвор му ја оневозможиле реализацијата на производствен погон за мерните инструменти.
По 1994 година, заедно со неговиот брат, Крстевски започнува да изработува таксиметри, што се покажало како вистинскиот чекор во тој период. „Подоцна ја проширивме соработката и станавме овластен сервис на двајца германски производители на автоделови“, вели тој.
Со средствата од заемот од МРФП, преку штедилницата „Можности“, набавува резервни делови за автомобили и камиони вклучувајќи осовински делови и турбокомпресори. „Деловите ги употребуваме во сервисирањето на возилата на компаниите со кои „СТТ Трејд“ има склучено договор за соработка но, ги користам и за развој на моите идеи и иновации за „тјунинг“ на автомоторите преку изработка на двојни турбо компресори“, додава Крстевски. Тоа е неговата сегашна пасија. Тие се во фаза на тестирање, а можностите за заработка се одлични. „Нема турбина која што не можам да ја поправам“, вели Крстевски. Меѓу иновациите и патентите на Темелко Крстевски е и бројачот на вртежи на турбините.
Денес „СТТ Трејд“ е современ сервис за автомобили вклучувајќи сервис на тахографи, системи за греење и турбокомпресори во кој егзистенција обезбедуваат четворица вработени. „Она што ме мотивира да работам е постојаната желба за учење и надградба на знаењето, особено развојот на иновациите“, вели Темелко Крстевски.