Столарството, особено производството на столчиња-хранилки за деца и детски креветчиња е главната дејност на Ристо Карпузов од Радовиш. „Занаетот почнав да го печам на 16 години, сега веќе во далечната 1966 година“, раскажува Ристо. Работел во шумско-индустрискиот комбинат „Плачковица“, а потоа и во „Јавор“ и во 1983 година го започнал својот бизнис.
„Во почетокот изработував ролетни, потоа инвестирав, не многу успешно, во производство на рамки, а денес еве главна преокупација ми се столчињата и креветчињата за деца“, вели тој. Карпузов поседува две машини од кои го вади максимумот. Клиентите му се од Радовиш, Штип и Скопје. „Не е едноставно да управуваш со сопствен бизнис, на пазар како што е нашиот“, вели Ристо. Еден од проблемите со кои се соочува е нелојалната конкуренција и ниските цени. „Тешко е да се натпреваруваш со цените на столарите кои не се регистрирани“, вели тој. Проблем е и замената на дрвените со производи од пластика и алуминиум. „Беспарицата влијае на пазарот и луѓето бараат евтини производи, а не водат сметка дека тие се со низок квалитет.“
Со средствата од кредитот на МРФП, преку штедилница Можности, набавени се материјали за изработка на производите.
Ристо размислува за идни инвестиции кои ќе бидат пред се во опрема. Набавката на нови машини би ја зголемила ефикасноста и ефективноста за 60%, а би се подобрил и квалитетот. Потоа, набавка на возило за дистрибуција и дополнителен маркетинг. Дел од плановите за иднина се и оние за вклучување, а потоа и за отстапување на семејниот бизнис на синот.