Три илјади кокошки кои дневно носат 2.160 јајца е капацитетот на живинарската фарма „Војнички Мост“ сместена во селото Превалец во близина на Велес. Тоше Димитријовски, еден од сопствениците, пред неколку години, заедно со сопругата Васка и неговиот партнер решиле за започнат сопствен бизнис. „Дотогаш се пробав на повеќе работни места, ама мислам дека ова е вистинската одлука“, вели Тоше.
Партнерите започнале со 500 кокошки, во речиси импровизирани услови. „Кога го зголемивме бројот на кокошките на 1.200 објектот во кој ги чувавме стана мал и несоодветен“, раскажува Тоше. „Освен тоа, планиравме и понатаму да го зголемуваме производството па единственото решение беше да се изгради нов објект.“ Партнерите успеале да обезбедат финансии и изградиле две хали.
Со средствата од заемот од МРФП, преку штедилница Можности, изградиле собирен центар за јајца, ја завршиле изградбата на една од халите за одгледување кокошки и уредиле канцелариски простор. Покрај тоа, со овие средства направена е и исплата на сезонски работници ангажирани за берба на тутун што Димитријовски го одгледуваат на површина од 17 декари.
„Собирниот центар е направен според барањата на ХАСАП стандардот, и за него добивме дозвола од дирекцијата за храна и ветерина“, вели Тоше.
Во моментов јајцата ги продаваат во Велес. „Имаме одлична соработка со 17 дуќани кои ни се редовни клиенти. Нашата предност е што сме тука, близу, и можеме да доставуваме во секое време на барање на клиентите“, вели тој. Што се однесува до проблемите, Димитријовски не зборува многу за нив, но сепак спомнува дека ниските цени на јајцата од една, и високата цена за исхраната на кокошките од друга страна се она што ги ограничува во моментов.
Партнерите планираат изградба на уште една хала за одгледување на кокошки по новите стандарди односно со подно чување за разлика од досегашниот систем на чување во кафези. Целта им е да стигнат до 5.000 кокошки. Размислуваат и за органско производство за кое имаат можности, но, според нив, пазарот во Македонија е се уште мал за тоа.