Семејството Селмани веќе пет години успешно го води бизнисот со алати и железарија. Нивната продавница во центарот на Тетово е нивниот семеен бизнис. „Кога размислувавме да започнеме со некаков бизнис, ми дојде идејата тоа да биде дуќан со алати и железарија“, се сеќава 24-годишниот Астрит Селмани. „Стоката ја набавуваме од странство или од домашни добавувачи. Во почетокот беше тешко, но сега веќе имаме одреден број постојани клиенти, кои се снабдуваат од нас. Добро е што се гради. Кога тие имаат работа, имаме и ние“, вели Астрит.
Бизнисот на семејството Селмани бил помогнат со кредит на МРФП преку штедилницата „Можности“ по кој се отвориле уште три нови работни места.
Кризата не ја одминува ни продавницата на семејството Селмани. Многу од редовните клиенти доцнат со наплатата на фактурите. „Но тоа е еден круг“, вели Астрит, „и тие имаат проблеми со наплатата. Верувам дека ќе дојдат подобри времиња. Некако ќе преживееме. Мора да се плати киријата за дуќанот, купената роба“.