Сузана Видојевиќ и нејзиното семејство одгледуваат печурки, шампињони. Семејниот бизнис, Дибо компани, се одвива на три локации во Скопје и една во Охрид. Во текот на зимата, тие живеат во Скопје и печурките ги одгледуваат во својата куќа и на уште две изнајмени локации во Ѓорче Петров.
„Најголем дел од производството го пласираме во рестораните и другите угостителски објекти, а мал дел од него пласираме на пазарите во Скопје“, вели Сузана. Во лето, семејството се сели во Охрид, изнајмуваат хала и таму произведуваат. „Нашите клиенти во Охрид, како и во Скопје, се рестораните и хотелите.
Побарувачката, заради летната туристичка сезона се зголемува и производството го селиме таму“, вели Сузана. Со својата флексибилност, семејството се обидува да ги задржи бизнис партнерите и да им излезе во пресрет. Дибо компани е корисник на кредит од МРФП преку Хоризонти. Од 3.300 евра колку што изнесува вкупната инвестиција, од МРФП се обезбедени околу 2.300 евра. Средствата ќе бидат вложени во набавка на нови количини компост за печурки.