Сузана Тодоровска и нејзиниот сопруг до 2002 година работеле во фабриката Брако во Велес. Но, откако Брако бил ставен во стечај, решиле да отворат сопствена фирма за трговија со железо и жичани производи. Во 2003 година започнуваат со производство на светло влечена жица. Започнувајќи го бизнисот, освен за себе, обезбедиле работни места за уште тројца работници.
Тодоровска вели дека главна дејност на ЗС Ентерпрајс е токму производството на жица и машини за производство на жичани производи. Главни производи им се: светло влечена жица, палена жица, заварени арматурни мрежи, биговано претиво, жичано плетиво, клинци и машини. ЗС Ентерпрајс се корисници на кредит од МРФП за репарирање на машина. Вкупната инвестиција изнесува 20.000 евра, од кои 10.500 се обезбедени со кредит од МРФП преку Тутунска банка. Новите вложувања во бизнисот обезбедиле уште две работни места, па сега ЗС Ентерпрајс има вкупно седум вработени.
Плановите во иднина се во насока на развивање нов производ. Во соработката со своите клиенти од земјите во регионот увиделе дека има голем интерес за клинците кои не се сопствено производство на ЗС Ентерпрајс, туку тие само ги препродавале. Тоа ги поттикнало да размислуваат за набавка на нова машина, за производство на клинци. Во моментот работат во Косово, Црна Гора и Албанија.