Александар Кузмановски го управува наследениот семеен бизнис, Картонпласт, основан уште во 1990 година. Основна дејност на друштвото е производство на картонска амбалажа. Производите на Картонпласт се застапени на домашен пазар со фокус на Скопје поради специфичниот транспорт, а и поради конкуренцијата. „Последната инвестиција“, вели Кузмановски, „била за набавка на деловен простор во Кисела Вода заради подобра комуникација со клиентите“. Фабриката за картон се наоѓа во просториите на поранешна фабрика Стакларница.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 55.000 евра, од кои 30.000 ги обезбедило самото претпријатие, а остатокот е од кредитната линија на МРФП преку Тутунска банка како финансиски посредник.
Од основање до денес, според Кузмановски, Картонпласт има континуиран пораст на приходите, иако во последните 4 години, поради кризата, има стагнација на бизнисот. „Целиот овој период инвестираме во опрема и објекти за да ја олесниме работата и да ја подобриме ефикасноста и квалитетот, а со тоа да можеме да се носиме со големата конкуренција во секторот“, вели Александар Кузмановски. Според него, главни предности на кои се должи успехот на Картонпласт се квалитетот, одговорноста/ навременоста, како и лојалните клиенти.
Картонпласт е регистриран како трговско друштво за професионално оспособување на инвалиди. Во моментов таму работат 6 лица со инвалидитет што е 40% од вработените.