„Да не беше кредитот, немаше да продолжам со работата“, ја почнува својата приказна Ивица Бошков, управител на Ице плин од Скопје, „бидејќи претходно плаќав висока кирија, а и приходите не беа сигурни“, додава тој. Претпријатието на Бошков врши монтажа и демонтажа на плински уреди. Во основањето на претпријатието му помогнало неговото претходно искуство во одделот за водород во Железарница.
Кредитот од МРФП преку штедилницата Можности, Бошков го искористил за купување деловен простор за неговата работилница. „Се чувствував несигурно, бидејќи бизнисот беше во изнајмен простор, сопственикот можеше да го раскине договорот, а јас да морам да ја преместам работилницата. Така, освен другите непријатности, ќе изгубев и дел од клиентите“, раскажува Бошков. „Со овој простор имам поголема сигурност за развој на бизнисот, имам подобра и по-перспективна локација близу која е планирано да се отвори царински терминал“. Дека е на добар пат, доказ е и за 25% зголемениот број клиенти, заради што вработил уште двајца работници. „Се зголемија и приходите, па тоа ми овозможува постојано да вложувам во бизнисот“, вели Бошков.
На прашањето дали има проблеми во работата, Бошков вели дека како и во другите, така и во овој бизнис, ги има. Некои од проблемите се слабата наплата и недостатокот на квалификувана работна сила. Сепак, тоа не го предомислува во плановите за идниот период. „Планирам да ја искористам прометната улица и да отворам пералница за возила“, вели Бошков, „секако тоа ќе значи и нови вработувања“, вели тој. Вкупната вредност на инвестицијата на Бошков изнесува 6.800 евра.