Радомир Трајкоски го основал Крип трејд во 1994 година со сопствен капитал. Гаранција за успех му било 24-годишното искуство искуство во Мермерниот комбинат Прилеп. Така почнало. Основна дејност на Крип трејд е преработка и вградување секаков вид мермер и гранит, а од основањето наваму, претпријатието бележи подем и позитивни резултати.
„Постојано ја обновуваме опремата и користиме современи технологии за преработка на мермерот“, вели во разговорот Трајкоски. „Зедовме кредит и набавивме машина за сечење гранит – фреза, која ни овозможи полесна обработка на гранитот, посовремени производи со повеќе финеси, што резултира со подобрен квалитет и задоволни клиенти“, вели тој. Новата машина им овозможила три нови вработувања, па сега бројот на вработени се искачил на 12. „Новите вработени ги ангажиравме за теренска работа, за монтажа и вградување“, вели Трајкоски. Поефикасната преработка им овозможува да опслужат поголем број клиенти што им ги зголемило и приходите. Трајкоски се пофали дека успехот на претпријатието се должи на долгогодишното искуство во дејноста, одличниот квалитет на производите и нивниот траен карактер. Доказ за тоа е и бројот на клиенти кој постојано расте. На прашањето како клиентите дознаваат за нив, Трајкоски вели - „од задоволните клиенти кои нè препорачуваат, тоа ни е главната реклама“. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 37.250 евра во која Трајкоски учествува со 12.250 евра, а остатокот е кредит од МРФП преку финансискиот посредник Халкбанк.
Крип трејд опремуваат деловни и станбени простори низ Македонија, а велат дека се барани и во странство. Сепак, поради ограничените ресурси, сè уште го покриваат само домашниот пазар. Проблеми им создаваат репроматеријалите и машините кои се од увоз и чинат многу. Од друга страна, наплатата доцни и доаѓа до неликвидност. Уште еден проблем е недостатокот на квалификувана работна сила. Сепак, Трајкоски сака да набави машина за полирање гранит и со тоа да ја прошири дејноста.