Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) е еден од организаторите во изборот на најуспешни претприемачи на микро и мали претпријатија во Р. Македонија во рамките на традиционалниот настан - Претприемач на годината за 2009 г.
Манифестацијата се одржа во со-организација со Сојузот на стопански комори на Македонија, Министерството за економија, Агенцијата за поддршка на претприемништвото, Центарот за развој на претприемачи и менаџери, Центарот за развој на нови бизниси, Европската бизнис асоцијација и Стопанската комора на северозападна Македонија. Настанот се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје на 21.12.2009 г.
Целта на проектот е унапредување на претприемништвото во земјата, преку промоција на најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во Република Македонија.
На изборот беа доделени I и II награда за најуспешни претприемачи, во две категории, за микро и мали претпријатија, и тоа:
- Втората награда во категоријата микро претпријатија беше доделена на Игор Петковиќ, сопственик на шпедитерската фирма Медитеран НП, Скопје;
- Првата награда во категоријата микро претпријатија, беше доделена на Бејтула Биљали сопственик на Свис Центар, с. Боговиње, Тетово;
- Втора награда во категоријата мали претпријатија, беше доделена на Филип Спасовски сопственик на дигиталниот центар за графичко печатење Полиестердеј, Скопје;
- Прва награда во категоријата мали претпријатија беше доделена на Адем Кочан, сопственик на компанијата за производство на раноградинарски култури Канет-Агро, Скопје.
Во двете категории, втората награда се состои од сребрена статуетка и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 25.000 денари додека првата награда се состои од златна статуетка и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 61.000 денари.
Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2009“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на Р. Македонија. Имено, 218 микро и мали претпријатија, во периодот од 2006 до 2008 година, имаат реализирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции.
Тетјана Лазаревска, Извршен директор на МРФП, наведе дека овие претпријатија го имаат за двојно зголемено бројот на вработените, приходите и инвестициите, додека добивката ја зголемиле за пет пати.
Крајниот избор се реализираше од оние претприемачи кои изразија интерес и кои низ процесот на собирање податоци преку прашалник, посета на терен, анализа и бодирање, согласно однапред утврдени критериуми (посветеност на сопствена и обука на неговите вработени, маркетинг и стратегија на раст, инвестиции во истражување, развој и иновации и др.), беа избрани за најдобри.
Министерството за економија, во рамките на својот проект „Признанија за најуспешните“, додели специјална награда за претпријатието Хемија-Комерц од Велес – плакета за најбрзо растечка мала производна компанија.