„Наградата е доказ дека сите вложени напори за постигнување на светските вредности не биле залудни и оти и во нашата земја се ценат вистинските квалитети“ – истакна Кристијан Даниловски, еден од сопствениците на продукциската куќа ФХ3Х, добитник на првата награда за најуспешно микро претпријатие, во рамките на манифестацијата Претприемач на годината 2008 година, одржана на 11 декември 2008 година во х. Александар Палас. Добитник на втората награда за најуспешно микро претпријатие е Маркет Вижн, маркетинг агенција.
Првата награда за најуспешно мало претпријатие е доделена на претпријатието за производство на текстил за домаќинство „Донитекс“ од Св. Николе, додека втората награда во истата категорија ја доби агенцијата за продукција и маркетинг-бренд „Република“.
Манифестацијата се одржува по втор пат оваа година. Македонската развојна фондација за претпријатија е еден од со-организаторите на овој настан (заедно со Сојузот на стопански комори на Македонија, Агенцијата за поддршка на претприемништвото, Центарот за развој на претприемачи и менаџери, Центарот за развој на нови бизниси, Проектот за зајaкнување на претприемништвото, конкурентноста и иноваторството, Европската бизнис асоцијација и Стопанската комора на северозападна Македонија). Активностите финансиски се поддржани и од Британската амбасадата во Скопје, Австриската агенција за поддршка на соработката и Американската агенција за меѓународен развој.
Предселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2008“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на Македонија. 200 микро и мали претпријатија, во периодот од 2005 до 2007 г., имаат презентирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Од овие 200 претпријатија, избрани и поканети беа 120 претпријатија (60 микро и 60 мали претпријатија). Крајниот избор беше направен од вкупно 20 претпријатија кои изразија интерес и кои преку прашалник и посета на терен, влегоа во потесната група на најуспешни претпријатија. Во финалната фаза на избор, посебен фокус беше посветен на самиот претприемач, како и на низата дефинирани критериуми: посветеност на сопствена и обука на неговите вработени, маркетинг и стратегија на раст, инвестиции во истражување, развој и иновации и др.