Со поддршка на коморите до развој на успешни претпријатија и промовирани успешни примери на претприемништво во Република Македонија.
Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) на 22.11.2008 година, во хотелот Александар Палас во Скопје, потпиша договори за финансиска поддршка на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) и Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), за спроведување на Стратешкиот план на СКСЗМ односно за дефинирање на нов Стратешки план на ССК.
Со Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанската комора на северо-западна Македонија, МРФП веќе воспостави долгорочна соработка. Нивната проактивна улога во промоцијата на претприемничкиот дух и култура и влијание врз јавните политики се едни од дефинираните долгорочни цели на МРФП.
Токму од овие причини, МРФП финансиски ќе го поддржи спроведувањето на Стратешкиот план на СКСЗМ во износ од околу 4 милиони денари, како и дефинирањето на новиот Стратешки план на ССК во износ од околу 670 илјади денари.
На самиот чин на потпишувањето на договорите, претседателите на СКСЗМ, ССК, како и извршниот директор на МРФП, имаа кратко излагање за своите активности за поддршка на капацитетите на претприемачите како и за промоција на активен претприемачки дух и култура во земјата.
Самиот настан се одржа во рамките на манифестацијата Глобална недела на претприемништвото во 2008 година, која за прв пат се одржува во Република Македонија.