„Претприемач на годината - 2007“ е настан кој за прв пат оваа година се организира во Република Македонија. Целта е да го поттикнеме претприемачкиот дух и култура во држaвата, преку промоција на успешни претприемачки примери.
Избравме најуспешен претприемач во доменот на микро и мало претпријатие. Избравме личност која е во постојана потрага по можности и користење на тие можности за создавање профит, оној кој презема ризици, оној кој е иновативен, кој има менаџерски вештини и е насочен кон континуиран раст и развој на фирмата.
Организатори на овој настан беа: Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Р.Македонија (АППРМ), Центарот за развој на претприемачи и менаџери (Center for Entrepreneurship and Executive Development – СЕЕD Macedonia ), Центарот за развој на нови бизниси при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (BSC) и Проектот за зајaкнување на претприемништвото, конкурентноста и иноваторството во Република Македонија (ЗПКИ).
Предселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2007“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на Македонија. 320 микро и мали претпријатија, во периодот од 2004 до 2006 г., имаат презентирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Овие претприемачи во наведениот период имаат вработено над 5.000 лица, четири пати ги имаат зголемено своите приходи и имаат вложено 5 милијарди денари во свои инвестиции. Од овие 320 претприемачи, избрани беа и поканети 48 (24 МкП и 24 МП). Крајниот избор е направен од оние претприемачи кои изразија интерес и кои врз основа на дополнителни критериуми, беа избрани за најдобри:
- Прва награда во доменот на микро претпријатија за Иван Пешев, Извршен и креативен директор на рекламната агенција „Република“
- Втора награда во доменот на микро претпријатија за Митко Пиперкоски, сопственик на друштвото за комјутерски услуги „Интек системи“
- Прва награда во доменот на мали претпријатија за Кирил и Ѓорѓи Богевски, сопственици на винарската визба „Бовин“.
- Втора награда во доменот на мали претпријатија за Атанас Петров, сопственик на друштвото за проектирање и изведување на градежни работи „Торус инжинеринг“.
Прва награда
- Награда од 2.000 евра - вредносен ваучер кој ќе може да го користи за реклама и пропаганда и/или закуп на медиумски простор, обезбедена од страна на сите организатори на овој настан;
- Членарината од Сојузот на стопански комори за период од 1 година;
- Финансиска поддршка за учество vo СЕЕД ТОП клас програмата;
- Можност за презентација пред 2-та инвестициски фонда на СЕАФ;
- Ваучер за материјали за подготовка и полагање за European Business Competence License сертификат - од CS Global;
- Бесплатна обука во рамките на компанијата или консултантска сесија од компанијата „Басме“.
Втора награда
- Награда од 1.000 евра - вредносен ваучер кој ќе може да го користи за реклама и пропаганда и/или закуп на медиумски простор, обезбедена од страна на сите организатори на овој настан;
- Членарината од Сојузот на стопански комори за период од 6 месеци;
- Можност за презентација пред 2-та инвестициски фонда на СЕАФ;
- Ваучер за материјали за подготовка и полагање за European Business Competence License сертификат - од CS Global;
- Бесплатна обука во рамките на компанијата или консултантска сесија од компанијата „Басме“.