Претставници на финансиски институции од Македонија се сретнаа и разменија информации со колеги од Хрватска. Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) организира посета на финансиски институции во Хрватска во која беа вклучени финансиските посредници на МРФП: Тутунска банка АД Скопје, Извозна и кредитна банка АД Скопје и Штедилница Можности.
Беа посетени: Raiffeisenbank Austria d.d. Zagreb, Croatia banka d.d., Erste & Steiermarkische Bank d.d., HVB Splitska banka d.d., Privredna banka Zagreb, Hypo-Alpe-Adria-Bank d.d. и Хрватското здружение на банки (Hrvatska udruga banaka).
Целта на посетата беше запознавање со искуствата на хрватскиот банкарски сектор во поддршката на малите бизниси. Вообичаениот тек на состаноците започнуваше со воведни презентации од страна на претставниците на хрватските банки, а потоа следеше дискусија, зависно од интересот на присутните. Посетата се реализира во периодот 24 – 28.05.2006 г. Описот подолу е според текот на програмата.
Raiffeisenbank започнала како greenfield инвестиција (новоформирана банка), а денес е четврта банка во Хрватска по големина на актива. Се разговараше и за организациската поставеност на кредитирањето на мали и средни претпријатија, како важен пазарен сегмент за банката, за ефикасноста на кредитниот процес и улогата на управувањето со ризици. Посетена беше и експозитура во Загреб.
Erste & Steiermarkische банка е исто така силно фокусирана на малите и средни претпријатија. Таа е трета банка по големина на актива во Хрватска, како и по други параметри. Откако беа презентирани генералиите на банката и окружувањето во кое работи, се дискутираше за корпоративниот сектор на банката и во тие рамки и кредитирањето на МСП од повеќе аспекти.
Croatia банка е во 100% сопственост на државата. Банката има особено широка понуда за претприемачите од земјоделскиот сектор, која може да се комбинира со субвенциите што овие претприемачи ја добиваат од државата. Блиску соработуваат и со Хрватската банка за обнова и развој и Хрватската агенција за мало стопанство.
HVB Splitska банка е петта по големина на актива, фокусирана на поголеми корпоративни клиенти и население. Посебен акцент беше ставен на прашања поврзани со управување со ризици и споредба на промените на хрватскиот со македонскиот банкарски сектор.
Privredna banka Zagreb е втора банка во Хрватска по големина на актива, а е дел од Gruppo Banca Intesa. Целни сегменти и се население и големи корпоративни клиенти, но сe поголем замав зема и секторот за работа со мали и средни претпријатија. За исклучително важен дел во банката се смета информатичката поддршка.
Хрватското здружение на банки функционира од 1999 г. како стопанска интересна заедница. Членка е на Европската банкарска федерација. Има флексибилна организациска структура и широка лепеза на активности, зависно од интересите и потребите на своите членки.
Hypo Alpe-Adria банка е силно ориентирана кон проектно финансирање, а во делот на работа со правни лица се опслужуваат и микро, малите и средни клиенти. Посебен акцент беше ставен на напорите за рационализација на кредитните операции во банката, со истовремено обезбедување механизми за пристап на сите потенцијални клиенти.
Срдечно им се заблагодаруваме на партнерите од Хрватска за љубезниот прием и споделувањето на искуствата.
Во продолжение посетата низ фотографии и контакт информации на вклучените претставници на институциите од Хрватска и Македонија.