За прв пат преку системот на ваучери МРФП ги понуди на заинтересираните обуките за претприемачки вештини. Обуките ги посетија 97 заинтересирани сегашни или идни претприемачи. Во рамките на нефинансиските услуги Македонската развојна фондација за претпријатија веќе неколку години поддржува обуки за сегашни и идни претприемачи како и за активисти на здруженијата на земјоделците и претприемачите.
Имајќи ги предвид потребите на претприемачите и обидувајќи се да го најде најпогодниот начин за подршка преку обука МРФП го разви системот со ваучери. Ова подразбираше дека претприемачот или невработениот кој е заинтересиран да добие обука финансиски ќе учествува во обезбедувањето на обуката. Институцијата што кандидатот ќе ја избере за спроведување на обуката треба да биде на листата на акредитирани во МРФП. За оваа можност, заинтересираните беа известени преку дневниот печат. Кандидати можеа да одберет најмногу три обуки за кои МРФП им издаваше авторизирани ваучери.
На обуките за претприемачки вештини учествуваа 97 сегашни или идни претприемачи. Тие беа спроведени во периодот од октомври до декември 2005 година. Речиси 90% од учесниците беа од Скопје, а останатите од Куманово, Битола, Тетово и Прилеп.
“Менаџерите разбираат дека без обуки не може да одат напред”, вели Сашо Велевски, еден од учесниците на обуките за “Деловен план” и “Успешно водење презентации” што ги спроведе Самеримпекс Импулси. “Сепак”, вели Велевски, “во делот на финансиите, микро и малите претприемачи се соочуваат со финансиски проблеми како и со намалена свест за потребата од обуки, за разлика од поголемите претпријатија кои годишно ги планираат обуките за своите вработени”, додаде тој.
Во поглед на половата припадност, на обуката учествуваа 37% жени, а во поглед на профилот, најголем дел од учесниците се ангажирани на продажба и маркетинг, потоа раководство, па невработени и администрација.
Учесниците се задоволни од обуките, дури 97% од нив одговориле дека се многу или значително задоволни од обуката што ја добиле.
МРФП ќе направи работилница на која ќе се анализира ваучер системот како иновација и придобивките од овој систем во процесот на спроведување обуки за претприемачи од микро и мали претпријатија.