Македонската развојна фондација за претпријатија, денес, 22 март 2024 г. го одржа настанот „Вештини за претприемништво и користење на модерни технологии во земјоделието“. Настанот се одржа во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј”.
Пред повеќе студенти, професори, чинители од секторот земјоделство беа презентирани теми за важноста на користењето на модерните технологии и претприемачки вештини во земјоделието. Целта на настанот беше демонстрација како модерните технологии во комбинација со претприемачки вештини можат да придонесат кон создавање на економска вредност во секторот земјоделие. На настанот беа споделени добри практики на примена на модерната технологија од Македонија, Германија, Австрија, Словенија и Грција. Беа опфатени системи за автоматско управување на земјоделската механизација и услуги во делот на прецизното земјоделие.
Претставниците од Македонската развојна фондација за претпријатија преку примери ја потенцираа важноста на користење на дигиталната технологија во земјоделието вклучувајќи го користењето на сензори во растителното и животинското производство, користење на земјоделски дронови, автономни машини и адаптирани системи за автоматско управување на земјоделската механизација. Предизвиците на недостаток на работна сила, климатските промени и нерационалното користење на ресурсите можат да се надминат во одредени делови со користењето на современа и модерна механизација. Употребата на системите за прецизно земјоделие можат да донесат и 90% намалување на влезните ресурси во процесот на примарно производство.
Пред присутните беа претставени и можностите за финансирање на дигиталната трансформација преку набавка на модерна технологија во земјоделството и финансиската поддршка во форма на грантови која ја нуди Македонската развојна фондација за претпријатија.
На настанот беше промовирана и програмата „AgriSkills” и платформата за обука “AgriSkills 4.0” наменета за чинителите од секторот земјоделие кои сакаат да се запознаат и обучат со потребните вештини за дигитална трансформација во земјоделието.
Овој настан е дел од програмата „AgriSkills” финансирана од Европската унија, преку програмата Еразмус+. Зад програмата „AgriSkills”, стои стратешко партнерство од пет европски организации од Македонија, Германија, Австрија, Словенија и Грција.
Повеќе информации може да најдете на: https://agriskills40.com/