Градејќи ги капацитетите на банкарските службеници и МРФП придонесува кон поефикасна децентрализација на кредитирањето во банките. Македонската развојна фондација за претпријатија продолжува преку обуки да ги гради капацитетите на банкарскиот персонал, посебно на оние кои се директно поврзани со кредитирањето на микро и малите бизниси.
„Ваквите обуки треба да го поддржат процесот на децентрализација на кредитното одлучување”, вели Лазар Неданоски, соработник за проекти во МРФП. „Освен тоа”, додава тој, „организирањето на обукиве е насочено и кон подигањето на нивото на знаења на банкарскиот персонал, и кон овозможување поизбалансирана дистрибуција на кредитите на МРФП.”
На последната од вкупно петте обуки насловена како „Основни принципи на кредитирањето” банкарските службеници имаа можност да ги подобрат нивните знаења за набљудувањето на кредитите, важноста на карактерот/личноста на кредитобарателот во проценката на кредитоспособноста, односите со клиентите и други прашања.
Децентрализацијата на кредитното одлучување, според учесниците на обуката, ќе придонесе да се изгради поинаков имиџ на банките, со што тие ќе бидат попристапни за клиентите. Децентрализацијата значи дека банкарските службеници во експозитурите можат да ја донесат одлуката за тоа дали банката ќе кредитира одреден клиент или не. На овој начин значајно ќе се скрати и времето потребно банката да ја донесе одлуката, а клиентите ќе бидат позадоволни.