Конференцијата имаше за цел да придонесе кон воспоставување нови контакти и развој на понатамошната соработка меѓу претприемачите од земјоделскиот сектор од Македонија и од Косово.
Во рамките на Програмата платформа за развој на МСП, Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), во соработка со Косовскиот развоен центар (КРЦ), на 28.04.2005 г. во Приштина, Косово, организира еднодневна конференција на тема „Предизвици и можности во трговската размена меѓу Македонија и Косово”, која финансиски беше поддржанана од УСАИД –КЦБС И МРФП.
“Во Македонија ги дистрибуираме нашите производи во сите поголеми градови. Но, остваруваме и извоз во Германија, во Франција, во Србија и Црна Гора, во Албанија и во Хрватска, но во Косово само на два пати сме оствариле извоз”, потенцира Лилјана Пандева, учесник на конференцијата, од Трго инженеринг од Радовиш, менаџер за продажба на национално ниво. Како главна причина за тоа Лилјана ја потенцира слабата соработка, слабата комуникација, нерешениот платен систем и сл. “Имаме интерес да соработуваме и со Косово. Доколку има либерализација во платниот систем, ќе имаме помали трошоци и поголема заработувачка. Со зачестени конференции и комуникации ќе ги подобриме контактите со Косовците и ќе се создаде можност да формираме групи составени од трговци од двете страни кои би го зголемиле лобирањето во владите да го решат платниот проблем”, додаде Пандева.
Досегашниот интерес за трговска размена двете страни го гледаа во четири земјоделски сектори, чии претставници на 26 од косовска, а на 19 претпријатија од македонска страна, учествуваа на Конференцијата, а тоа се: градинарство и овошје, житарство, млечна индустрија и винараство.
Слично на Пандева размислуваше и Шиќери Красниќи, претседател и генерален директор на Асоцијацијата за зеленчук на Косово “Анадрини” и член на Претседателството на косовската алијанса за агробизнис: “Со Македонија трговијата ни е на многу лошо ниво. Македонските трговци имаат многу поповолни извозни услови за разлика од нас. Треба нешто да се стори во врска со тоа. Иначе, по технологијата на производството сме слични. Би требало да се овозможи слободна трговија со Македонија, а ние сме заинтересирани за соработка со македонските претпријатија кои преработуваат овошје и веќе со некои од нив си разменивме контакти на семинаров, па се надеваме да оди на добро соработката”, потенцира Красниќи.
На конференцијата учесниците имаа можност да се запознаат со состојбата во земјодлескиот сектор во Македонија и во Косово и преку панел-дискусии и работа во групи да дојдат до можни решенија за сегашните проблеми.