На 22.12.2011 година, во клуб ресторанот „Ден и Ноќ“ во Скопје, беа доделени наградите за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во Република Македонија Наградата се доделува по 5-ти пат, а целта е да се поттикне претприемачкиот дух во земјата, преку промоција на успешни примери.
Првата награда во категоријата микро претпријатија му е доделена на Димитар Сеизов управител на филмската продукција Мунлајт, Скопје, а втората на Елеoнора Настова Димова, управител на рибникот „Дошница“, Неготино.
Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Јуре Горгиев, сопственик на откупниот центар Фунги Флора, Радовиш а втората на Исмаил Османи, сопственик на градежното претпријатие „Хулуси Комерц“, Куманово.
Во двете категории, прво наградените претприемачи добија златни статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 60.500 денари, а второ наградените добија сребрени статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 25.000 денари.
Министерот за економија Ваљон Сараќини, во рамките на тековниот проект „Признанија за најдобрите“, додели специјална награда за претпријатието Пескара-Вел од Велес – плакета за „Најиновативно претпријатие во 2011 година“.
Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2011“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на РМ. Имено, 110 микро и мали претпријатија, во периодот од 2008 до 2010 година, имаат реализирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Крајниот избор вклучи претприемачи кои изразија интерес за доставување податоци преку прашалник, посета на терен, анализа и бодирање, согласно однапред утврдени критериуми (посветеност на сопствена и обука на неговите вработени, маркетинг и стратегија на раст, инвестиции во истражување, развој и иновации и др.), и кои беа избрани за најдобри.
Главни организатори на Претприемач на годината 2011 се Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија, Стопанската комора на северозападна Македонија и Центарот за развој на претприемачи и менаџери. Ко-организатори на Претприемач на годината 2011 се: Европската бизнис асоцијација, Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење и Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија. Институционален покровител е Министерството за економија на Република Македонија. Спонзор на настанот беше Штедилница Можности, додека медиумски спонзори беа телевизија Сител, Сити радио и дневниот весник Бизнис.
Мунлајт продукција е ТВ и филмска продукција, основана во 2004 година. Екипирани со најновата HD технологија и следејќи ги светските стандарди за квалитет, Мунлајт продукција нуди услуги и експертиза за телевизиски емисии; рекламни и презентациски спотови и видео материјали; графички решенија за 2Д или 3Д логоа, шпици, најави; подготовка и реализација на медиумски кампањи; графички дизајн и подготовка за печатење.
Димитар Сеизов, еден од управителите, е филмски и ТВ режисер, кој заедно со својот тим изработуваат играни ТВ проекти, комерцијални видео ТВ спотови во земјата, документарни и презентациски филмови, кампањи во земјата и странство.
Рибникот Дошница се наоѓа на Тиквешкото езеро, во близина на Демир Капија, на реката Дошница, и е семеен бизнис на Елеонора Настова Димова и нејзиниот сопруг Ристе Димов. Традиционално, во рибникот се одгледува пастрмка и крап. Со силно инвестирање, со постојано зголемување на годишниот капацитет на производство на риба, со воведување нови технологии, набргу очекуваат да станат единствен рибник во земјата кој нуди и готов производ – преработена (филетирана, топло, ладно димена и пакувана) риба, под сопствен бренд. Рибникот е основан во 2003 година. Сопружниците, иако со успешни кариери зад себе, целосно му се посветиле на семејниот бизнис.
Фунги Флора од Радовиш е откупен центар на печурки, лековити билки и шумски плодови. Со инвестирање во откупни центри, најсовремени сушари соработува активно со странски набавувачи. Ова претпријатие веќе е на листата на 100-те најголеми извозници од Македонија.
Јуре Георгиев го основал бизнисот во 2005 година, поттикнат од претходното искуство од слична дејност. На прво место во работењето му се вработените и добавувачите со кои ги постигнува резултатите. Подготвен да се справи со предизвиците и да ги прифати новините во бизнисот, неговата главна цел е постојниот раст, проширувањето и напредокот.
Хулуси Комерц од Куманово е градежна фирма за висока и ниска градба, а поседува и сопственa асфалтна база и сопствен каменолом. Компанијата е основана во 1993 и е присутна на голем дел од домашниот пазар со тенденции да се прошири и надвор од државата. Со континуираниот раст станува една од најголемите компании од градежниот сектор, со интегрирање и почитување на стандардите и воведување на најновите технологии и опрема во секојдневното работење.
Исмаил Османи, основачот и управител на компанијата зад себе има над 35 годишно искуство. Од 1977 – 1993 година има работено во Лихтенштајн, кога се одлучил стекнатото искуство и капитал да ги инвестира во Македонија. Висока професионалност во работата и односите со вработените и партнерите се одлики на неговото работење. Негови приоритети и цели се задоволни клиенти и висококвалитетни услуги.
Пескара-Вел од Велес, користи иновативни технологии не само во земјата туку и во регионот. Станува збор за претпријатието Пескара-Вел од Велес, кое се занимава со пескарање, антикорозивна заштита, термоизолација, пескарање и заварување на цевоводи, пескарање со сув лед. Она што ги прави посебно иновативни е изведување на сложени и интегрирани индустриски проекти базирајќи се на комплетно следење на светските стандарди, дејствување и придонесување за заштита на животна средина и рационално искористување на електричната енергија.
Наградата ја прими сопственикот на Пескара-Вел од Велес, г. Јосиф Манев, кој го основа и раководи со ова претпријатие од 1997 година.