Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) денес, 13 февруари 2015 година ги промовираше двете видеа (реклами) посветени на алтернативниот туризам под насловот „Излези во природа, влези во авантура!“.
Едната реклама се однесува на четири продукти кои имаат туристички потенцијал, а тоа се велосипедизмот, планинарството, параглајдерството и рибарството. Овие туристички продукти беа идентификувани од страна на МРФП во соработка со голем број актери кои работат во туризмот или во области поврзани со туризмот од општините Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца.
Втората реклама, покрај четирите продукти од македонска страна, опфаќа уште три продукти дефинирани како културно, природно и кулинарско наследство, идентификувани од страна на албанскиот партнер на МРФП, Партнерс Албанија и се однесуваат на регионот на Корча и Поградец во Република Албанија.
Промовирањето на алтернативните форми на туризам во овој пограничен регион има за цел да им понуди на заинтересираните поинаков, поактивен одмор од една страна, а да ги поттикне жителите на овие региони да размислуваат за алтернативниот туризам како за економска можност со која ќе можат да обезбедуваат егзистенција.
„Алтернативните форми на туризам се можност за вработување и самовработување на локалното население, особено на младите луѓе“, рече во своето обраќање амбасадорот Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската Унија. „Така тие ќе можат да ја обезбедат својата егзистенција, да основат семејства и да го искористат своето знаење и ентузијазам во развојот на регионот“, додаде амбасадорот Орав.
На промоцијата зборуваше и г. Љупчо Пренџов, заменик министер за локална самоуправа.
Додадената вредност секако е соработката на сите вклучени од двете страни на границата. „Дел од активностите што ги спроведувавме овозможија тесна соработка на жителите на регионите во Македонија и во Албанија“, рече во своето обраќање Тетјана Лазаревска, извршен директор на МРФП. „Се надеваме дека по иницијалните средби соработката ќе се продлабочува и во иднина на туристите ќе им бидат понудени нови можности за одмор и рекреација од двете страни на границата“.
Видео спотовите ќе се емитуваат на локални и национални медиуми во Македонија и Албанија, како и на Интернет со цел промоција на регионот како туристичка дестинација.
Двете видеа се дел од проектот „Кон алтернативен туризам“ што го спроведува МРФП во партнерство со Локалната агенција за развој од Струга и Партнерс Албанија од Тирана. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија како дел од третиот повик на ИПА програмата за прекуграничната соработка меѓу Македонија и Албанија.