Денес, 16.12.2014 година (вторник), во хотелот Александар Палас во Скопје, беа доделени награди за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во Република Македонија.
Васко Дамевски, менаџер на компанијата Ксенос, Демир Хисар и Сејди Шахсивари, менаџер на Урбан план констракшн од Тетово се добитници на првата, односно втората награда во категоријата мали претпријатија.
Во категоријата микро претпријатија наградите им припаднаа на Андреј Петковски, менаџер на компанија Ѓорго-комерц, Куманово и на Звонко Трпковски, менаџер на компанијата Атлантик од Скопје.
Министерството за економија ја додели наградата за најиновативна компанија на Иван Поповиќ и Ванѓел Димановски сопственици на АЦСА-ДЦАЦ ДОО од Скопје.
„Нема рецепт за успех“, рече во своето обраќање Тетјана Лазаревска, извршен директор на Македонската развојна фондација за претпријатија, еден од главните организатори на манифестацијата. „претприемачите се согласуваат дека пресудна е желбата да се успее и големиот труд што води кон тоа“, додаде таа.
Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Даниела Арсовска истакна дека низ годините, голем дел од успешните претприемачи наградени на оваа манифестација уште повеќе го зајакнале своето работење и прераснале во лидери во иновативност и следење на најновите трендови во своите дејности.
„Ова се вистински патриоти“, рече во своето обраќање Арбен Халили, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија. „Овие луѓе кои обезбедуваат работа за себе или барем за уште еден, кои опстануваат во бизнисот во вака деликатни услови се вистинските патриоти на оваа земја“.
Во двете категории, прво наградените претприемачи добија златни статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 50.000 денари, а второ наградените добија сребрени статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 25.000 денари.
Наградата на Министерството за економија изнесува 120.000 денари.
Наградата се доделува по 8-ми пат, а целта е да се поттикне претприемачкиот дух во земјата, преку промоција на успешни примери.
Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2014“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на РМ. Имено, 27 микро и мало претпријатие, во периодот од 2011 до 2013 година, имаат реализирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Крајниот избор вклучи претприемачи кои изразија интерес за доставување податоци преку прашалник, посета на терен, анализа и бодирање, согласно однапред утврдени критериуми (посветеност на сопствена и обука на неговите вработени, маркетинг и стратегија на раст, инвестиции во истражување, развој и иновации и др.), и кои беа избрани за најдобри.
Главни организатори на Претприемач на годината 2014 се Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија и Стопанската комора на северозападна Македонија. Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Организатор и институционален покровител е Министерството за економија на Република Македонија. Спонзор на настанот беше Штедилница Можности.
Васко Дамевски, Ксенос, I награда во категоријата мали претпријатија: Компанијата Ксенос, чиј менаџер е Дамевски, повеќе од 20 години се занимава со откуп, преработка и продажба на шумски и земјоделски производи на странските пазари. Од широкиот асортиман производи се издвојуваат: свежото овошје, преработките од шумски печурки, преработките од вишни и преработките од шумски плодови. Компанијата и нејзиниот менаџер постојано се стремат да ги прошират преработувачките капацитети, да го зголеми производството и да освојат нови пазари. Пласманите на производите во Франција, Шпанија, Италија, Германија, Унгарија, Швајцарија, Русија и Полска во моментов обезбедуваат работа за 42 вработени.
Сејди Шахсивари, Урбан план констракшн, II награда во категоријата мали претпријатија: Шахсивари ја раководи компанијата што започнала како мал семеен бизнис во областа на трговијата во 1992 година, за подоцна да се прошири и во областа на угостителството и градежништвото. Од 2002 година до денес Урбан план констракшн и неговиот менаџер се гордеат со стотици метри квадратни изграден или реновиран простор за различни намени. Новата инвестиција во производство на песок како и линијата за производство на бетон ќе го продолжи постојаниот раст на компанијата и ќе го зголеми бројот на вработените кој сега изнесува 32.
Андреј Петковски, Ѓорго– комерц, I награда во категоријата микро претпријатија: Петковски ја раководи семејната винарија „Премиум“ основана во 2005 година. Производството во винаријата започнало во 2007 година со 10.000 литри, а веќе во 2013 година тоа изнесува 450.000 литри вино. Паралелно со зголемувањето на количините, се зголемува и бројот на пазарите каде што се пласира. Винаријата, под водство на нејзиниот менаџер постојано го подобруваа квалитетот на производите и нивната амбалажа. Инвентивни се во промоцијата и маркетингот, а девизата им е упорност и почитување на договореното, висок квалитет и конкурентна цена.
Звонко Трпковски, Атлантик, II награда во категоријата микро претпријатија: Трпковски има повеќе од 20 години искуство во бизнисот. По долгогодишното занимавање со трговија, во 2011 година тој започнува со производство на тестенини и го лансира новиот бред – Марчела. Од скромно покривање на пазарот во Скопје во 2011 година, Марчела денес се продава во маркетите низ цела Македонија. Набавката на нова опрема ќе биде инвестиција во поголем квалитет и поголеми количини кои ќе бидат наменети за пазарите надвор од Македонија. Паралелно со ова брендот Марчела ќе стои и на новите производи кои се во фаза на тестирање.