На 23 септември 2014 година, во Тирана се одржа Саем на организациите корисници на грантови од фондот на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија. МРФП учествуваше на Саемот како корисник на два грантови. Во партнерство со Партнерс Албанија беше спроведен проектот „Промоција на женско претприемништво“, а во моментов двете организации го спроведуваат проектот „Кон алтернативен туризам“.
Саемот беше наменет за промоција на резултати од проектите во претходните три повици, а беше искористен и размена на искуства меѓу организациите и донаторот и за вмрежување.
На отворањето, на учесниците им се обрати Клајда Ѓоша, Министер за евроинтеграции во владата на Република Албанија. Таа истакна дека се надева дека сегашните и идни проекти ќе имаат поголем импакт на животот на луѓето во пограничниот регион. Лирим Шабани, министерот за локална самоуправа во владата на Република Македонија во своето обраќање ја потенцираше посветеноста на регионалниот и прекуграничниот развој.
Од името на Делегацијата на ЕУ во Република Албанија се обрати Јингве Енгстром, раководителот на операции. „Спроведувањето на ваквите проекти е добар пример дека границите не мора да бидат бариери“, истакна тој и додаде дека поддршката на локално ниво има директен импакт на локалниот развој и на луѓето. „Поддршката им помага на општините да го откријат и искористат својот потенцијал, а она што е важно за нас како ЕУ е резултатите да траат и по завршувањето на проектите и поддршката од нас“, додаде Енгстром. Зборувајќи ја бројките, тој истакна дека досегашната поддршка за прекугранична соработка во западен Балкан изнесува 19 милиони евра.
Учесниците, на посебни округли маси разговараа за искуствата од спроведувањето на проектите. Тие сметаат дека има простор за подобрување на процесот на аплицирање и спроведување. Забелешките се однесуваа на самата апликација и на должината на периодот од поднесување на апликацијата до одобрување и потпишување на договорите. Организациите побараа да се овозможи електронско потпишување на документите за да не се губи време и ресурси во комуникацијата со партнерите од другата страна на границата. Тие сметаат дека организациите треба да добиваат повратна информација од проверките што им ги прават претставниците на донаторот за да можат да се надминат евентуалните проблеми. Организациите од Република Албанија побараа поповолен пристап во регулирањето на плаќањето на данокот на додадена вредност, а нивните колеги побараа средствата наменети за конфинансирање што ги обезбедува Министерството за локална самоуправа да бидат обезбедени во текот на спроведувањето на проектот.
Целиот настан беше добра можност да се обноват постоечките релации меѓу организациите и да се воспостават нови кои може да бидат потенцијални партнери за некој од следните повици.