На 23.12.2013 година, во хотелот Александар Палас во Скопје, беа доделени награди за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во Република Македонија. Наградата се доделува по 7-ти пат, а целта е да се поттикне претприемачкиот дух во земјата, преку промоција на успешни примери.
Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Томе Тасевски, ко-сопственик на стоматолошката поликлиника Ендомак, Скопје, а втората на Горан Јошевски, менаџер на туристичката агенција ЈК Травел.
Првата награда во категоријата микро претпријатија му е доделена на Ислам Рамизи, ко-сопственик на градежната компанија Монтеко, а втората на Благоја Самакоски, сопственик на Институтот за современи композити и роботика од Прилеп.
Во двете категории, прво наградените претприемачи добија златни статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 50.000 денари, а второ наградените добија сребрени статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 25.000 денари.
Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2013“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на РМ. Имено, 79 микро и мало претпријатие, во периодот од 2010 до 2012 година, имаат реализирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Крајниот избор вклучи претприемачи кои изразија интерес за доставување податоци преку прашалник, посета на терен, анализа и бодирање, согласно однапред утврдени критериуми (посветеност на сопствена и обука на неговите вработени, маркетинг и стратегија на раст, инвестиции во истражување, развој и иновации и др.), и кои беа избрани за најдобри.
Главни организатори на Претприемач на годината 2013 се Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија која оваа година слави 15 години од своето основање, и Стопанската комора на северозападна Македонија. Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Покровител и организатор е Министерството за економија на Република Македонија. Спонзор на настанот беше Штедилница Можности, додека медиумски спонзори беа Поинтер, Македонската радио-телевизија, Канал 5 телевизија, Алфа телевизија, Нова Македонија, и порталот Курир.
{accordion} Томе Тасевски, Ендомак - I награда во категоријата мали претпријатија :: Тасевски е ко-сопственик на стоматолошката поликлиника Ендомак која има две децениско искуство во Скопје, во Струмица и во Гевгелија. Поликлиниката е одлично организиран стоматолошки центар во кој се применува врвна естетска и реставративна стоматологија. Предводник е на приватизацијата и реформите во македонското здравство од бизнис перспектива. Денес „Ендомак“ е една од најмодерните, најопремените и најголемите стоматолошки установи во земјата, со тим од 50 вработени, чија основна концепција е прогресивно ширење и брз развој на современата стоматолошка доктрина, со несомнени резултати во примената на богатите светски стоматолошки и медицински искуства. |||| Горан Јошевски, ЈК Травел - II награда во категоријата мали претпријатија :: Второнаградениот претприемач во категоријата мали претпријатија води туристичка агенција која постои од 2006 година. Денес туристичката агенција има свои претставништва во Битола, во Скопје и во Штип. Седум години ЈК Тревел го гради својот бренд на квалитетна и сигурна услуга со професионална, напорна и чесна работа. |||| Ислам Рамизи, Монтеко - I награда во категоријата микро претпријатија :: Рамизи е еден од сопствениците на приватната компанија за градежништво, менаџирање и продажба на станбени и деловни згради Монтеко, основана во 2008 година. Претпријатието работи на територијата на Скопје. Изградбата на становите се реализира според највисоки стандарди. За Монтеко, задоволството на клиентите е секогаш на прво место. |||| Благоја Самакоски, Институт за современи композити и роботика - II награда во категоријата мали претпријатија :: Самакоски ја води оваа приватна научна установа, основана во февруари 2009 година, како прв приватен Институт од овој вид на Балканот. Примарна дејност на Институтот е научно истражување и технолошки развој на компонентите од областа на современите композити и роботика. Институтот денес располага со најдобро опремена лабораторија во Европа, каде се наоѓаат сите клучни технологии за развој на современи композитни материјали.{/accordion}