Македонски банкари се запознаа со искуствата на Словенија во финансирањето проекти за рурален развој со средства од Европската Унија.
Посетата ја организираа МРФП и платежните агенции од Словенија и Македонија, односно Агенцијата на Република Словенија за земјоделски пазари и рурален развој (www.arsktrp.gov.si) и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на Република Македонија (www.ipardpa.gov.mk).
Посетата имаше за цел запознавање со искуствата на Словенија со претпристапната поддршка од ЕУ за земјоделство и рурален развој. Во Словенија таа поддршка беше дел од т.н. програма САПАРД, додека во Македонија е ИПАРД или Инструмент за претпристапна помош за рурален развој. ИПАРД е една од петте компоненти на помошта на ЕУ интегрирана во инструментот наречен ИПА.
Посетата беше наменета за претставници на финансиски институции од Македонија, поради важноста на претфинансирањето на подобните проекти од комерцијални извори. Имено, според ИПАРД, подобните проекти ќе добијат дел неповратна финансиска помош (50-65%, зависно од критериумите) само откако ќе бидат целосно претфинансирани од други извори (сопствени на апликантите или позајмени). Со оглед дека добар дел од апликантите во Македонија (земјоделски и агро-преработувачки субјекти) претфинансирањето ќе го прават со кредити од финансиски институции, МРФП одлучи да ги запознае нив со искуствата од Словенија како земја со која Македонија дели голем број сличности.
Во Словенија беа посетени платежната агенција, неколку банки како Банка Целје, НЛБ ДД, Нова КБМ и неколку проекти како Млекарна Целеиа, месната индустрија Пелоз, Белица туризем и Хиша посебне сорте (рурален туризам). Притоа, секоја институција ги презентираше своите општи видувања и искуства за САПАРД и посебно за проектите кои беа разгледувани. Пораките од Словенија се неколку. Најпрвин, Македонија е во предност што навремено ги вклучува трите клучни страни во спроведувањето на ИПАРД (платежната агенција, банките и клиентите). Понатаму, градењето доверба меѓу нив е клуч за успехот со оглед дека ИПАРД има стриктни критериуми и барања. И конечно, соработката треба да се базира на долг рок, бидејќи ИПАРД подразбира неколкугодишно инвестирање и потоа следење на успешноста на финансираните проекти. Ова е исклучително важно, бидејќи доколку проектот не ги исполнува индикаторите за успешност, може да се случи средствата да бидат побарани да се вратат. Од друга страна пак, успешните проекти и апликанти можат повторно да аплицираат за нови проекти и нови средства.
Освен со оваа посета, МРФП го поддржува искористувањето на можностите што ги нуди ИПАРД и преку посебен кредитен продукт за подобните апликанти и проекти. Досега објави и една публикација, а ќе организира и други настани во иднина.
Погледнете го прилогот за посетата во емисијата „Боја на парите“ на Сител телевизија.