Македонската развојна фондација за претпријатија - МРФП и Хрватскиот институт за банкарство и осигурување - ХИБО организираа еднодневен специјалистички семинар наменет за банки и финансиски институции. Темата на семинарот беше „Импликации од регулаторните промени и ефекти од финансиската криза во еврозоната врз работењето на банките во регионот“. Предавач на семинарот беше д-р Иван Шверко, директор на Одделот за управување со пазарни и ликвидносни ризици во Хипо Алпе – Адриа банка.
На семинарот се дискутираа драматичните промени што се случија во светскиот финансиски пазар во последните години. Тие во целост го променија начинот на мерење и управување со финансиските параметри, ставајќи го управувањето со ризиците во средиштето на управувањето на банките и финансиските институции.
Банките во регионот, поради низа причини (поригидна регулатива, повисоки стапки на адекватност на капиталот, потрадиционални банкарски операции и сл.), се покажаа постабилни отколку нивните матични банки и воопшто од банките во развиените земји. Меѓутоа, евентуалните проблеми на матичните банки скоро сигурно ќе имаат влијание на работењето на банките во земјите од регионот, што ќе се чувствува и во следните години. Очекуваните промени во регулаторната рамка, вклучително имплементацијата на Базел 2 и Базел 3 стандардите, од една страна треба да ја зголемат стабилноста на банкарскиот сектор, но од друга ќе го стеснат просторот за делување на банките како поддржувачи на развојот на претпријатијата и економијата.
Д-р Иван Шверко претходно работел во Фолксбанк, Ерсте и Штајермаркише и во Ријечка банка. Во 2000 г. магистрира на деловно управување (МБА) на Универзитетот во Кентаки, Лексингтон, а во 2006 г. докторира на Економскиот факултет во Загреб, каде што и предава. Автор е на бројни трудови од областа на банкарството и финансиите, вклучително на книгата „Управување со некредитни ризици во хрватските финансиски институции“ и ко-автор на книгата „Пари, банкарство и финансиски пазари“.
Семинарот се одржа на 21 јуни 2012 година во Скопје, на кој присуствуваа 20 претставници од банки, микрофинансиски и регулаторни институции.